Првиот земјоделец кој аплицираше за европските пари од ИПАРД-фондовите вчера ги доби парите на сметка. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја изврши исплата на средства од Програмата 2007-2013. На корисникот ДПТУ „Микаста“ ДОО од Скопје по успешното инвестирање за воведување на системот за наводнување капка по капка и за земјоделска механизација мулчер. Кофинансирани му се 275.032 денари или околу 4.500 евра од кои 206.274 средства од буџетот на ЕУ, а 68.758 средства од буџетот на Република Македонија. Средствата се одобрени на фирма која се занимава со одгледување овошни насади. Инвестицијата е веќе реализирана, системот капка по капка е веќе поставен, а купена е и земјоделската механизација мулчер која служи за обработка меѓу редови. Половина од парите кои ги има вложено фирмата му се вратени на сопственикот од ИПАРД-фондот.
Првиот земјоделец кој аплицираше за европските пари од ИПАРД-фондовите вчера ги доби парите на сметка.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја изврши исплата на средства од Програмата 2007-2013. На корисникот ДПТУ „Микаста“ ДОО од Скопје по успешното инвестирање за воведување на системот за наводнување капка по капка и за земјоделска механизација мулчер. Кофинансирани му се 275.032 денари или околу 4.500 евра од кои 206.274 средства од буџетот на ЕУ, а 68.758 средства од буџетот на Република Македонија.
- Средствата се одобрени на фирма која се занимава со одгледување овошни насади. Инвестицијата е веќе реализирана, системот капка по капка е веќе поставен, а купена е и земјоделската механизација мулчер која служи за обработка меѓу редови. Половина од парите кои ги има вложено фирмата му се вратени на сопственикот од ИПАРД-фондот, велат во Платежната агенција.
На првиот јавен повик за ИПАРД со кој беа ставени на располагање 24,3 милиони евра, кумулативен буџетски износ за 2007-2009 година, се доставени 133 барања. Склучени се 27 договори за проекти вредни 3,8 милиони евра, односно беше побаран кофинансиран износ од 1,9 милион евра. Од нив, како што информира Агенцијата, покрај веќе исплатената фирма, уште шест инвестиции се веќе реализирани и доставени се барањата за исплата. Во тек се финалните контроли на терен за овие инвестиции. Исплатата на овие средства се очекува да продолжи во текот на месецов со интензивирање на исплатата за останатите проекти заклучно со мај-јуни или по истекот на потребниот период на реализација на инвестицијата.
На вториот ИПАРД-оглас за вкупно 40 милиони евра се поднесени повеќе од 100 апликации. Нивната обработка е во тек.
Годинава Агенцијата за финансиска поддршка планира да објави уште три ИПАРД-огласи.
Според земјоделците, најголем проблем за апликација на овие пари се документите што треба да се набават.
- Изјава од производителот за земјата на потекло на машините за преработка, немање поседовни и имотни листови за парцелите на кои треба да се инвестира, нелегални објекти за преработка се само дел од документите кои треба да ги набавиме, објаснуваат земјоделците.
Според нив, најмногу заинтересирани имало за инвестиции и надградба на земјоделски стопанства за да се постигнат стандардите на ЕУ, развој на руралниот туризам, усовршување на млечните капацитети, реконструкцијата на шталите, оранжериите и на пластениците, подигање нови лозови и овошни насади и обнова на старите и за изградба на нови краварски фарми.
Во Федерацијата на фармери на Македонија кажуваат дека нивните членови се заинтересирани за програмата, но дека само мал дел од нив ќе може да ги добијат европските пари.
- Голем дел од фармерите не се подготвени за европските фондови. На фармерите им е потребна обемна документација за аплицирање, а треба да се исполнат и голем број услови и стандарди, велат во Федерацијата на фармерите. Тие се пожалија дека им недостигаат пари за почеток на инвестициите, а голем број фармери не го исполнуваат условот за поседување имотен лист.
ИПАРД-поддршката опфаќа период од седум години (2007-2013), а се однесува на инвестиции за реструктуирање и надградба на земјоделските стопанства согласно со ЕУ-стандардите, на инвестиции во преработка и пласман на земјоделските и земјоделско-прехранбените производи и на инвестиции за диверзификација и развој на руралните економски активности. Проектите за инвестиции во земјоделските стопанства треба да бидат од секторите лозарство, овоштарство, градинарство и одгледување добиток за производство на млеко и месо. Поддршката е всушност грант што треба да покрие 50 отсто од трошокот за реализираната инвестиција.
Финансиската рамка за ИПАРД ја сочинуваат 75 отсто пари од ЕУ и 25 проценти средства од Буџетот на Македонија. Вкупниот износ на ИПАРД-фондовите е 60,7 милиони евра од кои 45,5 милион евра се од буџетот на ЕУ, а 15,2 милиона се од Буџетот на Македонија. Првите 42 милиона евра се однесуваат за периодот 2007-2010 година.